Денес е Бадник, несомнено еден од најубавите празници во годината. Денот пред големото Христово раѓање, е денот кога ја подготвуваме посната трпеза и го одбележуваме завршувањето на Божиќните пости, кога на едно место се сплотуваме со семејството и уживаме во топлината на домот. Денеска е неизбежно подготвувањето на т.н. Бадникова погача за да се испочитува традицијата.
Едно од најзначајните нешта кои ќе се најдат на трпезата оваа вечер е лепчето со паричка. Во мојот дом за овој празник наместо обично лепче, приготвуваме прекрасна бадникова погача, која денес ќе ја споделам со Вас.

Се што Ви е потребно се неколку едноставни состојки со кои за кратко ќе создадете меко и превкусно тесто.

Тестото се поделува на онолку топчиња, колку што парчиња се потребни и во едно од нив се става среќната паричка. Традиционално погачата ја украсувам со парчиња жито изработени од тесто. Истите се прават мошне едноставно, а изгледаат феноменално откако ќе ја испечеме погачата. Доколку сакате од тестото за украсување, можете да изработите и поинакви форми, се во зависност од тоа како би сакале да изгледа Вашата погача.

Бадникова погача
Ingredients
- 700 г брашно
- 1 коцка свеж квасец или 1 пакетче сув квасец
- 400 мл млака вода
- 1 лажичка сол
- 1 лажица шеќер
Instructions
- Најпрво, во длабок сад ставете ги сите состојки за лепчето и замесете меко тесто.
- Оставете да стаса околу 60-90 минути на собна темепратура додека не го зголеми својот волумен двојно.
- Размесете го тестото и поделете го на онолку топчиња колку што делови се потребни при кршењето и нанесете ги во подмачкано округло тавче на механизам кое претходно добро ќе го премачкате со масло и ќе го набрашните со брашно.
- Со дел од тестото или замесете едноставно тесто од брашно, вода и нишесте оформете ги фигурите со кои сакате да ја декорирате погачата.
- Печете во добро загреана рерна на 180 степени околу 40 минути. Добар апетит и забавно готвење!