васина торта

Васина торта – кралица на тортите

Старата добра Васина торта е вистинска кралица на тортите. Многумина од нас пораснаа со нејзиниот препознатлив вкус бидејќи своевремено ова беше една од најчесто правените торти за родендени и најразлични празници. Велат дека она што е Захер тортата во Виена, тоа е Васина торта на нашите простори.

И денес со радост се сеќавам на деновите кога љубопитно ја набљудував мајка ми додека внимателно го прелива штотуку испечениот пандишпан  со сок од свеж портокал. Додека чекавме тестото да го поприми исцедениот сок, следуваше подготовката на богатиот фил со ореви и чоколадо, а потоа и моето „чистење“ на садовите. Се разбира нема поголемо уживање за мало дете од тоа да му дозволат да се позанимава со остатоците од филот, додека мајка му на раат не го заврши спремањето на тортата.

Во чест на тие убави времиња, денес со Вас го споделувам мојот рецепт за оваа класика, но со мал твист во подготовката на шлагот. Иако ова е апсолутен евергрин од торта, сепак ќе ја направиме малку помодерна, така што ќе и направиме изглед достоен за кралица на тортите.

васина торта

Васина торта- кралица на тортите

Велат дека она што е Захер тортата во Виена, тоа е Васина торта нанашите простори.
Prep Time 20 mins
Cook Time 15 mins
Време за ладење 2 hrs
Total Time 2 hrs 35 mins

Ingredients
  

За пандишпанот:

  • 6 јајца
  • 6 лажици шеќер
  • 8 лажици ореви мелени
  • 2 лажици брашно

За филот:

  • 300 г мелени ореви
  • 150 мл млеко
  • 8 лажици шеќер
  • 100 г чоколадо за готвење
  • 250 г путер
  • 5 жолчки

За шлагот од белки:

  • 5 белки
  • 15 лажици шеќер

Instructions
 

  • За да го подготвите пандишпанот, во сад за матење со помош на миксер изматете ги јајцата заедно со шеќерот. Матете околу 7-8 минути, додека не добиете густа смеса. Потоа, додајте ги мелените ореви и брашното. Промешајте и префрлете ја смесата во округло тавче на механизам број 28 (обложено со хартија и премачкано со путер).
  • Печете во загреана рерна на 170 степени околу 15-20 минути. Пандишпанот е готов кога ќе се дигне при печењето, па ќе се спушти и ќе се одвои од рабовите на тавчето. Тогаш е готов и може да го извадите од рерна. Оставете да се излади комплетно, а потоа премачкајте го со сок од 1 портокал.
  • За да го подготвите филот, во тенџере на оган ставете ги мелените ореви, млекото, шеќерот и чоколадото за готвење. Гответе додека сите состојки не се соединат и не добиете густа смеса. Тргнете од оган и оставете филот да се излади.
  • Штом филот е комплетно изладен, во сад на пареа изматете ги жолчките со помош на миксер. Гответе и матете околу 2-3 минути, а потоа префрлете ги во изладениот фил. Додајте го и путерот и матете додека не добиете изедначена смеса. Внимавајте путерот и филот да бидат на иста температура за да се соединат заедно. Вака добиениот фил префрлете го врз пандишпанот и со помош на шпатула распределете го низ целата површина.
  • На крај во тенџере на оган на најниската температура ставете ги белките и шеќерот. Матете со миксер додека не добиете мазен, сјаен и цврст шлаг од белки. Со добиената шлаг пена декорирајте ја тортата по вкус. На крај со помош на запалка за торти внимателно поминете врз шлагот додека не го добиете потребниот светло кафен изглед.
    Добар апетит и забавно готвење!

Leave a Reply