влашка пита

Влашка пита со праз и суви пиперки

Ако ме запрашате која ми е омилена пита, сигурно ќе ми биде потребно долго време пред да Ви одговорам. Впрочем не знам и дали воопшто ќе имам одговор на тоа прашање, бидејќи месените работи ми се едни од омилените рецепти за подготовка. Без разлика дали се со готови или сукани кори, ги доживувам како нешто што ме спојува со традицијата, семејните собирања и љубовта кон храната. Во тој дух, денес за Вас приготвувам една интересна и мошне барана пита со праз и суви пиперки. Станува збор за супер меката и листеста влашка пита, која е во форма на спирални ленти и со автентичен вкус на праз и суви пиперки.

влашка пита

Одлична е за појадок, предјадење, па дури и како главно јадење. Можете да ја послужите со кисело млеко или јогурт, а доколку Ви остане од денес за утре, воопшто не грижете се бидејќи оваа пита останува мека со денови.

влашка пита со праз

Влашка пита со праз и суви пиперки

Одлична е за појадок, предјадење, па дури и како главно јадење. Можете да ја послужите со кисело млеко или јогурт.
време за подготовка 30 mins
време за готвење 40 mins
Време за стасување 1 hr
Вкупно време 2 hrs 10 mins

Состојки
  

  • 1 кг брашно
  • 500 мл млака вода
  • 1 коцка свеж квасец
  • 1 лажичка сол
  • 2 лажици шеќер
  • 100 мл масло за јадење
  • 1 лажичка оцет
  • 250 г маргарин на собна температура
  • За филот:
  • 4 страка праз ситно исечкани
  • Масло за јадење
  • 1 лажичка сол
  • 30 мл вода
  • 4-5 суви пиперки исечкани на коцки

Начин на подготовка
 

  • Најпрво во тава на оган испржете го празот околу 10 минути додека не омекне целосно. Додајте ги пиперките и пропржете околу 3-4 минути. Потоа додадете ја водата. На овој начин ќе ги намалите киселините кои може да ги создаде празот. Оставете да се излади додека тестото стасува околу еден час.
  • Во длабок сад замесете тесто од брашното, квасецот, солта, шеќерот, млаката вода, маслото за јадење и оцетот. Оставете тестото да стаса на собна температура околу 60 минути. Поделете го на 3 еднакви делови и од секој дел расукајте правоаголна форма.
  • Формирајте ја питата на тој начин што првата кора ќе ја премачкате со третина од омекнатиот маргарин, а потоа нанесете половина од филот. Ставете ја втората кора и повторете ја постапката со маргаринот и филот од праз.
  • На крај нанесете ја и третата кора и пресечете на вертикално ленти широки околу 1 см. Превиткајте ја секоја од лентите во спирала и ставете ги во подмачкано тавче. Премачкајте ја целата пита со последната третина од маргаринот кој претходно ќе го растопите. Наросете сусам и печете во загреана рерна на 180 степени околу 35-40 минути.

One Comment

  1. Во предходниот мој коментар ви пишав дека сликата не содејствува со рецептот, меѓутоа кога вие ме прашавте за кој дел не ми јасно, се вратив на рецептот и детално го прочитав и погледав, сфатив дека сум грешка. Ви се извинувам. Поздрав.

Остави коментар