Празничната магија секогаш може да се зачини со нов тип на празнични колачиња. Овој пат ќе Ви покажам како да направите мини лапни-голтни колачиња со два вида на ореви – обични и пекан ореви.
Пекан оревите имаат изразито сладок и путерест вкус и се со блага шумска арома. Надворешноста е малку горчлива, а внатрешноста има масна структура. Поради нивната специфичност и деликатност, колачињата кои што ќе ги направиме со пекан ореви се поинакви од сите други колачи кои што досега сте ги пробале.

Подготовката е мошне едноставна и практична, па за помалку од половина час ќе може да се нагостите со овие превкусни колачиња. За да имаат уште поинтересна текстура во нив додадов и чоколадна компонента во форма на чоколадни капки. Доколку не можете да најдете капки, тогаш без проблем може да користите чоколадо исечкано на мали парченца. Откако ќе го подготвите тестото и ќе го обликувате секое колаче посебно, во средината го украсувате со половина пекан и на тој начин ја добивате формата на колачињата која што е прикажана на фотографиите.

Празнични колачиња со два типа на ореви
Ingredients
- 100 г ореви
- 70 г пекан ореви
- 230 г путер омекнат
- 250 г кафен шеќер
- 100 г кристален шеќер
- 1 јајце
- 1 жолчка
- 2 пакетчиња ванилин шеќер
- 370 г брашно
- 1 лажичка нишесте
- ½ лажичка сода бикарбона
- ½ лажичка прашок за печиво
- 50 г чоколадни капки или чоколадо исечкано на мали коцки
Instructions
- Најпрво растопете го путерот и оставете да се излади 10 минути.
- Во длабок сад додајте го кафениот и обичниот шеќер, ванилата, изладениот и растопен путер и промешајте. Додадете ги јајцето и жолчката и повторно промешајте.
- Во друг сад промешајте ги сувите состојки т.е. брашното, содата, нишестето и прашокот за печиво. Додајте ги сувите состојки во течните и оформете го тестото за колачињата.
- На крај во тестото додадете ги чоколадните капки и сечканите ореви.
- Оформете мали топчиња од смесата и со половинките од пекан оревите притиснете во средишниот дел на колачето.
- Вака подготвените колачиња печете ги во загреана рерна на 180 степени околу 10-12 минути.Добар апетит и забавно готвење!