Никогаш доста од празнични колачиња. Не знам за Вас, но јас уживам во нивната подготовка, дури и во доцните часови од ноќта кога сите спијат, а јас копнеам за нешто благо.
Денешните колачиња се направени со две состојки кои одлично се надополнуваат една со друга и се една од најчестите комбинации, не само за колачи, туку и за други типови на десерти. Освежувачката еуфорија од портокалот заедно со крцкавата текстура и мирис на бадемите, се совршена симбиоза на компоненти за создавање на овие ароматични колачиња. Поради гризот и путерот се супер ровки и се топат во уста, па воопшто не се сомневам дека навистина ќе Ви се допаднат. Можете да ги чувате и по неколку дена бидејќи колку повеќе стојат, толку се повкусни.

Празнични колачиња со бадеми и портокал
Состојки
- 150 г путер
- 120 г шеќер
- Кора од 1 портокал
- 150 г гриз
- 100 г брашно
- 1 лажичка прашок за печиво
- 60 г ситно сечкани бадеми
Начин на подготовка
- Во длабок сад изматете го путерот заедно со шеќерот и ванилата.
- Додајте ја кората од портокал и промешајте. Додајте ги гризот, брашното, прашокот за печиво и сечканите бадеми.
- Промешајте и со помош на две лажички нанесете од смесата во тавче обложено со хартија за печење.
- Печете во загреана рерна на 180 степени околу 10 минути.Добар апетит и забавно готвење!