Juzna italija reportaza

Храна на која не може да и се одолее

Dolce far niente е животното мото кое совршено го опишува животот на еден Италијанец. Убавината е сега и тука, па што друго преостанува освен да се ужива. Италијанската кујна е рај! Не можам сè уште да се убедам со кој интензитет, внимание и посветеност Италијанците ја негуваат нивната традиција, кога станува збор за традиционалните рецепти. Особено ми се допаѓа фактот што младите генерации се интересираат за традиционалната кујна и сакаат да го задржат она кое што им го оставиле нивните баби или прабаби.

Јас ја имав несекојдневната можност од близу да уживам во италијанскиот лежерен стил на живот и нивниот култен однос кон храната.

Најпрво го посетив Рим , а потоа ја посетив речиси половина Пуља т.е. Алберобело, Фасано, Селва ди Фасано, Монополи, Полињано а Маре и Бари. Кога патувам преферирам да посетам мали, некомерцијализирани места како овие.

Fontana Di Trevi – Roma

Интересно е тоа што јужна Италија е посиромашна од Северна и нема некакви „скапи“ атракции, кои треба да се посетат, туку само она што го дарила природата. Животот е сосема различен бидејќи на југот луѓето повеќе го живеат животот не гледајќи на материјалните работи.

Околу цените…

Цените се прилично ниски и речиси слични како кај нас. Едно кафе е 60 денари, еден кроасан со различни богати и квалитетни филови (чоколаден крем со лешник, крем од ф`стаци, рафаело крем) е максимум 90 денари, една пица во зависност на типот е од 5 до 9 евра. Го живеат животот со голема љубов и страст и уживаат во секој ден како да им  е последен. 

Алберобело

Немам зборови со кои можам да го опишам чувството кое се појавува додека го посетувате Алберобело. Ова е една дестинација која топло ја препорачувам на сите оние кои сакаат да истражуваат нови места и се љубители на Италија. Додека поминувате низ белите куќички се чувствувате како да глумите во некој холивудски филм со наместена сцена и само се чека да ја одиграте вашата улога. Тука ќе ги сретнете италијанските бабички кои седат пред нивните куќички уживајќи во денот пред нив, многу продавници за локални сувенири, а додека се губите низ тесните улички ве маѓепсува прекрасниот мирис на тукушто печени печива за појадок.

Регионот Пуља и гратчето Фасано, лоцирани во југоисточниот дел од земјата пак нудат неповторливо гастрономско искуство. Првото нешто што ќе го забележите кога ќе пристигнете се маслинките. Буквално имаат дрво пред секоја врата. Сирењето и кашкавалите се на едно сосема поинакво ниво, а луѓето… луѓето ве пленат со својот позитивен однос како ниту еден друг народ во Европа. Не може, а да не ги засакате.

Dolce Far Niente

За храната

Италијанците знаат како да го извлечат максимумот од животот и тоа несомнено се забележува во нивниот однос кон храната, која претставува вистинско хедонистичко задоволство, подготвено со многу љубов и внимание. Ако некогаш имате можност да го посетите овој регион внимавајте да не ги навредите своите домаќини барајќи им кечап бидејќи тие признаваат само убаво приготвен доматен сос.

Пармезанот е на исто ниво со солта и биберот, но кога ќе истурите премногу од него врз јадењето, ризикувате сите да ве погледнат помалку чудно. Не затоа што го штедат, туку затоа што го расипувате вкусот на јадењето кое грижливо било приготвено од главниот готвач.
Заборавете на тоа дека за појадок ќе јадете нешто солено. Тие едноставно не функционираат така. Наутро се појадуваат само слатки нешта. Невозможно е да купите пица пред 12 часот.

Ручекот е сосема поинаква приказна. Сè започнува со мала закуска во вид на фокача или пак брускети. Потоа следи предјадењето кое верувале или не, секогаш е еден вид паста. Комбинацијата на паста со леќа кај нас можеби звучи како последниот спој на храна кој што би го направиле, но кај нив е нешто сосема вообичаено. Дури откако сте ја изеле пастата може да преминете на главното јадење, а потоа и на десертот.

Кога сме кај десертите, градот Полињано а Маре, кој што се наоѓа во близина, е едно од најдобрите места во областа каде што можете да вкусите сладолед од ф`стаци. „Caruso gelateria“ ја има освоено наградата за најдобар сладолед во Европа, па можете само да ја замислите богатата палета на вкусови со која што располагаат.



Оние кои не сакаат сладолед секогаш можат да ја задоволат потребата за благо со најразличните десерти кои може да се купат на речиси секој агол од градот. Она што мора да го пробате се палачинките со рафаело крем и џем од вишна. Тестото воопшто не наликува на она на што ние сме навикнати. Но, и покрај тоа вкусот е извонреден!

Ако сè уште се двоумите дали да ја посетите Италија или пак да изберете некоја друга дестинација, замислете си дека само што ви сервирале вкусна жешка пица со 4 сирења. При секој загриз чувствувате сладострастие од вкусови кои ви се преплетуваат во устата. Сетилата се маѓепсани од мирисот на пармезан и горгонзола, додека на врвот од јазикот се случува експлозија од задоволство. Дали навистина мислите дека можете да одолеете?

Остави коментар