За многумина месењето тесто и сукањето кори претставува еден од најголемите предизвици со кои што се соочуваат кога ќе влезат во кујната. За волја на вистината се што Ви е потребно за да приготвите супер мек зелник или крцкава пита, е во редовната пракса која ќе ви овозможи да стекнете искуство во работата со тесто. Колку почесто месите и сукате, толку повеќе се усовршувате во она што го правите, а со тоа и рецептите кои што ги правите стануваат се подобри и подобри.
Викендов е идеален за малку „пракса“ во сукање и тоа за да приготвите превкусен домашен зелник со праз и везени пиперки, совршен спој на состојки за ова традиционално јадење. Ветувам дека ако ги следите сите чекори на подготовка, дури и да не сте вешти во сукањето кори, лесно ќе приготвите зелник кој ќе им се допадне дури и на најпребирливите.
За максимално уживање, откако ќе биде готов послужете го со кисело млеко или парче од вашето омилено сирење.

Сукан зелник со праз и везени пиперки
Ingredients
- 1 кг брашно
- 1/2 коцка свеж квасец
- 500 мл вода
- Сол по вкус
- Масло за јадење по потреба
Фил:
- 4 страка праз ситно исечкани
- 1 јајце
- 3-4 везени пиперки
Instructions
- Најпрво потребно е да го испржите празот и везените пиперки на малку масло додека омекнат. Во него додајте околу 20-30 мл вода за да не создава киселини при јадењето. Кога ќе изврие водата тргнете на страна и оставете да се олади. По ладењето, во празот додадете ги урдата и јајцето и убаво измешајте.
- Во длабок сад замесете тесто од брашното, квасецот, водата и солта. Оставете да стаса околу 30тина минути. Тестото поделете го на три дела. Едниот дел поделете го на 3 еднакви делови и расукајте ги во кори големи колку 1 чинија. Земете ја првата кора нанесете околу 2 лажици масло за јадење, покријте со втората кора и нанесете повторно масло за јадење распределувајќи го по целата кора.
- Покријте ги со третата кора претходните две кори и расукајте една голема кора, малку поголема од тавчето во кое ќе го печете зелникот (број 32-34). Пренесете ја кората во претходно премачкана тава, така што краевите ќе висат од тавчето. Свиткајте ги краевите така што ќе формирате убава витка. Постапката повторете ја и со вториот дел од тестото. Во средишниот дел нанесете од филот со празот и оставете на страна.
- Расукајте уште една потенка кора од третиот дел од тестото, нанесете ја врз филот одозгора така што ќе формирате ,,неправилна” површина. Тоа ќе даде рустикален изглед на Вашиот зелник.
- Пропрскајте ја со масло за јадење горната кора и печете на загреана рерна на 200 степени околу 20 минути, а потоа намалете на 180 степени уште 10 минути или додека не добие убава златно-кафена боја.Добар апетит и забавно готвење!