Домашни индијанки

Еклерите, тулумбите и индијанките се вистинска класика меѓу благите. Изгледа дека и покрај сите модерни десерти и варијации на слатки, никогаш не можеме да одолееме на овие препознатливи благи од нашето детство.

Од познатото трио најмногу уживам во индијанки со чаша боза или чаша боровница. Но, наместо да ги купам од слаткарница, претпочитам да ги направам дома. Најдоброто нешто кај домашно направените индијанки е тоа што со неколку состојки, лесно може да направите од 40 до 60 парчиња колачи, во зависност од големината за која што сте се определиле. Освен тоа кремот, со кој што ќе ги наполните, е класичен ванила крем и одлично се надополнува со мекото тесто на индијанките.

Доколку сакате помалку колачи, намалете ја дозата на половина. Другата опција е да ја направите целата количина, а она што ќе остане да го замрзнете за следна прилика.  Од искуство, кога и да направам индијанки, секогаш има некој што би сакал да изеде најмалку две парчиња, така што никогаш немам мака со споделувањето на овој превкусен десерт.


индијанки

Домашни индијанки

Најдоброто нешто кај домашно направените индијанки е тоа што со неколку состојки, лесно може да направите од 40 до 60 парчиња колачи, во зависност од големината за која што сте се определиле.
време за подготовка 15 mins
време за готвење 20 mins
1 hr
Вкупно време 1 hr 35 mins

Состојки
  

За индијанките:

  • 9 јајца
  • 300 г шеќер
  • 450 г брашно
  • 1 пакетче прашок за печиво

За филот:

  • 1 л млеко
  • 200 г брашно
  • 250 г шеќер
  • 2 кесички ванилин шеќер
  • 250 г омекнат путер

Начин на подготовка
 

  • Најпрво, подгответе 5-6 големи тепсии така што ќе ги обложите со хартија за печење. Одвојте ги белките од жолчките и во длабок сад ставете ги белките, па започнете да матите со миксер постепено додавајќи го шеќерот.
  • Кога ќе добиете цврст снег, додајте ги жолчките и изматете убаво. На крај додадете го брашното и прашокот за печиво.
  • Работејќи брзо, со лажица земете од смесата и оформете ги индијанките така што смесата кога ќе паѓа на хартијата за печење внимателно ќе ја развлечете за да го добиете посакуваниот облик.
  • Рерната потребно е да биде загреана на 200 степени, а подготвените индијанки печете ги 5-6 минути. Штом ја извадите тепсијата од рерна, веднаш тргнете ги индијанките од хартијата за печење, бидејќи доколку ги оставите на неа потешко ќе ги одлепите
  • Во тенџере на оган ставете 700 мл од млекото и оставете да се загрее. Во преостанатите 300 мл млеко додајте ги брашното, шеќерот и ванилата. Промешајте убаво и оваа течност додадете ја во стопленото млеко, мешајќи со жица за матење додека не добиете густ крем.
  • Покријте со хартија за свежа храна и оставете комплетно да се излади. Во друг сад, изматете го путерот со помош на миксер и додавајте од изладениот крем. Земете индијанка и нанесете од филот со готварски шприц, поклопете со уште една индијанка и декорирајте го горниот дел со малку од филот.
  • Во преостанатиот фил, додајте 2 лажички какао и промешајте додека не се соедини филот. Префрлете го кафеавиот фил во готварски шприц и декорирајте го горниот дел на индијанките.
  • Завршете ја декорацијата со малку изрендани ореви на горниот дел.
    Добар апетит и забавно готвење!

Остави коментар