Чизкејк коцките со прелив од шумско овошје спаѓаат во категоријата на најосвежителни десерти кои што досега сум ги приготвил.

Бисквит основата е совршен контраст на кремастата текстура на филот со кисело млеко, додека глазурата од шумско овошје освен што е супер свежа и красита, воедно е во моќна впечатлива црвена боја. Затоа коцките освен што се неверојатни на вкус, пленат и со својот огнено- црвен изглед. Во деновите кога тешко се справувате со летните горештини, овој десерт е одлична замена за сладолед.

Чизкејк коцки со прелив од шумско овошје
Во деновите кога тешко се справувате со летните горештини, овој десерт еодлична замена за сладолед.
Ingredients
За основата:
- 150 г мелени бисквити
- 4-5 лажици шеќер
- 2 пакетчиња ванилин шеќер или 1 лажичка екстракт од ванила
- 120 г растопен путер или маргарин
За филот:
- 400 г кисело млеко
- 100-150 г шеќер во прав
- 2 кесички за шлаг
- 1 лажичка екстракт од ванила или 2 пакетчиња ванилин шеќер
- 1 пакетче желатин растворен во 4 лажици студена вода, а потоа растопен на пареа
За преливот со шумско овошје:
- 200 г шумско овошје вишни, малини, јагоди, аронија..
- 3 лажици шеќер
- 2 пакетчиња ванилин шеќер
Instructions
- За да ја подготвите основата, во длабок сад ставете ги мелените бисквити, шеќерот, ванилата и растопениот путер или маргарин. Префрлете ја смесата во мало тавче 18х18см ( за поголемо тавче дуплирајте ја дозата на сите состојки). Со помош на шпатула рамномерно распределете ја основата.
- За да го подготвите филот, во сад ставете го киселото млеко и додајте го шеќерот во прав и добро промешајте. Додајте ги и кесичките за шлаг, екстрактот од ванила и добро промешајте. Додајте го растопениот желатин и промешајте. Префрлете го филот врз основата и оставете во ладилник да се стегне околу 3-4 часа.
- Пред да сервирате во мало тенџере на оган ставете го шумското овошје, шеќерот и ванилата. Оставете смесата да врие околу 10 минути, а потоа поминете ја низ сито за да добиете чист сируп од шумско овошје.
- Сервирајте врз секое парче чизкејк од изладениот сируп и уживајте.