Модрите домати секојдневно се присутни на нашата трепеза. Речиси и не познавам човек кој на некој начин не ужива во вкусот на овој зеленчук. Некои луѓе ги сакаат бидејќи лесно се приготвуваат, а други поради ниската калориска вредност. Кога ги купувате секогаш избирајте ги оние кои изгледаат сјајно и цврсто, а доколку не ги користите веднаш, не заборавајте да ги ставите во фрижидерот.

Мојата верзија на овој превкусен зеленчук е спој на печен модар домат со босилек, пармезан и моцарела. На овој начин добивам вкусно и богато предјадење, кое воедно може да се претвори и во главно јадење, се во зависност од тоа колку сте гладни.

Печен модар домат
Ingredients
- 1 модар домат
- Сол по вкус
- Маслиново масло
- 150 мл доматен сос
- 50 г рендан пармезан
- 2-3 лажици исечкан свеж босилек
- 200-250 г свежа моцарела исечкана на ленти
- Мелен црн пипер по вкус
- Свежо исечкан босилек или магдонос за декорација
Instructions
- Најпрво пресечете го модриот домат на ленти и ставете го во сад со малку сол за да се отстрани вишокот на течност. Оставете ги да отстојат околу 30-тина минути.
- Добро избришете ги со кујнска крпа или салфетка и наредете ги во тавче обложено со хартија за печење. Печете ги парчињата во загреана рерна на 180 степени околу 10-15 минути.
- Премачкајте го секое парче со доматен сос, нанесете рендан пармезан, свежо исечкан босилек и свежа моцарела.
- Печете уште 10-15 минути на иста температура и пред сервирање прелијте со тенок млаз маслиново масло. Сервирајте со свежо исечкан босилек или магдонос.Добар апетит и забавно готвење!