На светот постојат два типа на луѓе – оние кои уживаат во вкусот на брокулата и оние кои не можат ниту да се замислат себе си како ја јадат. Ако сте во втората категорија, денес сум на мисија, да ве преобратам од хејтери, во вистински љубители на оваа зелена ризница од корисни состојки. Истите се мошне значајни за нашето здравје. Овие ќофтиња со брокула се одлични за ручек или вечера.

Мини ќофтенцата од брокула се брзи, едноставни, а во исто време се како создадени за најмалите. Ова важи особено ако имате проблем да ги натерате да јадат зеленчук.
Она што најмногу ми се допаѓа кај овој рецепт е фактот што се приготвува за помалку од 30 минути. Мошне е здрав, а во исто време не е калоричен, па нема да чувствувате грижа на совест ако се препуштите на задоволството и изедете некое ќофте повеќе.

Мини ќофтиња со брокула
Ingredients
- 1 средна главица брокула или 300 г замрзната брокула
- 1 мала главица кромид
- 1 чешне лук
- 2 средни моркови
- 2 лажици магдонос
- 2 јајца
- 1 лажичка буковец лут или благ
- 1 лажичка шарена сол
- Сол и мелен црн пипер по вкус
- 70 г лебни трошки
- Масло за јадење
Instructions
- Во тенџере со зовриена вода ставете ја брокулата поделена на помали делови да се обари околу 1 минута. Потоа прецедете ја и поминете ја низ студена вода. На даска за сечкање, исечкајте ја ситно брокулата и ставете ја во длабок сад.
- Во садот додадете го ситно исечканиот лук и кромид. Морковите исто така ситно исечкајте ги и додадете ги во садот. Потоа додадете ги јајцата, магдоносот, буковецот, шарената сол, солта и мелениот црн пипер. Добро измешајте со помош на вилушка и додадете ги лебните трошки.
- Повторно промешајте и со лажичка или дланка оформете ги ќофтенцата. Наредете ги на хартија за печење и полејте по малку масло за јадење врз секое ќофтенце.
- Печете во загреана рерна на 200 степени околу 10-15 минути. Сервирајте со кисела павлака. Добар апетит и забавно готвење!