Од мојата богата палета на домашни пити денес ви ја претставувам онаа со хељда, која е одличен здрав избор за појадок. Можете да ја направите и со обични кори, но доколку сакате во потполност да го доловите вкусот на овој рецепт Ви препорачуваме да ги изберете оние со хељда.

Наполнета е со фил од несолена урда и рендан пармезан, но она што ја прави уште повпечатлива и егзотична е нејзината презентација. Секое парче од оваа пита го сервирам со со мед. Иако за повеќето од вас ова ќе звучи помалку необично, но ви ветувам дека еднаш кога ќе ја вкусите комбинацијата сигурно ќе ја засакате.

Пита со кори од хељда
Ingredients
- 400 г кори од хељда
- 400 г несолена урда
- 3 лажици рендан пармезан
- 120 мл маслиново масло или растопен путер
- 4 јајца
- 150 мл млеко
- 1 лажичка прашок за печиво
- интегрален или обичен сусам
- чиа семе
Instructions
- Обложете мало правоаголно тавче (со димензија 16х16см) со две парчиња од корите, така што краевите ќе висат надвор од тавчето. Премачкајте ги корите со малку маслиново масло и нанесете две-три кори кои ќе ги згужвате во неправилна форма.
- Потоа ставете дел од урдата и од ренданиот пармезан. Полејте со маслиново масло. Постапката повторете ја уште еднаш – стуткани кори, маслиново масло, урда и рендан пармезан.
- На крајот завршете со стуткани кори и завратете ги краевите од корите што висат надвор од тавчето. Полејте со малку маслиново масло и пресечете по две линии хоризонтално и вертикално така што ќе добиете 9 еднакви коцки.
- Во сад изматете ги јајцата и млекото заедно со прашокот за печиво. Течноста полејте ја врз питата и оставете 30 минути да отстои на собна температура.
- Загрејте ја рерната на190 степени и печете околу 30 минути. За егзотична и впечатлива презентација сервирајте со малку мед.Добар апетит и забавно готвење!