Сезоната на нејзиното величество -тиквата ја отворам со најдобрата можна комбинација – колач со тиква и чоколадо. Приготвуваме сочен колач со чоколадни парчиња за максимално уживање во вкусовите кои ни ги носи есента.

Покрај препознатливата кремаста текстура на тиквата и блажината на чоколадото, во овој колач додадов и грст ореви за да ја доловам саканата крцкавост. Вие можете да користите и други јаткасти плодови, па оревите може да ги замените со бадеми или лешници. Ве предупредувам уште сега да подготвите дупла доза, бидејќи на овој есенски вкус тешко кој може да му остане рамнодушен.

Колач со тиква и чоколадни парчиња
Ingredients
- 250 г брашно
- 1 лажичка прашок за печиво
- 2 лажички цимет
- 1/2 лажичка мускатно оревче
- прстофат сол
- 170 г шеќер или 3 големи лажици мед
- 2 кесички ванилин шеќер
- 2 јајца
- 300 мл пире од тиква
- 120 мл масло за јадење
- 120 г чоколадни капки или чоколадо исечкано на коцки
- 70 г сечкани ореви или други јаткасти плодови
Instructions
- Во длабок сад промешајте ги брашното, прашокот за печиво, циметот, мускатното оревче и прстофат сол. Оставете на страна.
- Во друг длабок сад промешајте ги заедно јајцата, шеќерот, ванилата, пирето од тиква и маслото за јадење. Во истиот сад додајте ги сувите состојки и мешајте додека не добиете хомогена смеса.
- Додадете ги чоколадните капки и сечканите оревчиња. Промешајте и префрлете ја смесата во калап за векни и врз неа ставете повторно од чоколадните капки.
- Печете во загреана рерна на 180 степени околу 40 минути. Оставете да се излади и сервирајте со кафе или шолја млеко.Добар апетит и забавно готвење!