Појадокот во кревет не е само за на филм

Дали некогаш сте изненадиле некого со појадок во кревет? Едно неделно попладне уживав во добар филм, кога една сцена ме потсети на овој момент. Јас како обожавател на добра храна не можев да не го забележам појадокот во кревет, кој беше во крупен кадар. Имаше дрвен послужавник, свежо цвеќе, и едноставна чинија со домашно подготвен омлет. Тоа беше доволно да добијам интересна идеја.

Речиси сум сигурен дека некаде имав убав рамен послужавник, кој би бил совршена подлога за појадокот кој го имав во план. Почнав да го барам низ полиците со кујнски реквизити. Сите тие симпатични чинивчиња и чаши кои ги гледате на фотографиите ја отежнуваа потрагата. Веќе знаете дека посветувам големо внимание на сервирањето, и токму поради тоа ги имам во голем број. И кога ете, го пронајдов послужавникот. По пат здогледав и една симпатична мала вазна, па ја тргнав на страна и неа.

IMG_0249.jpg

Начинот на сервирање веќе го решив. Но, што ќе сервирам? Се решив за еден добро познат рецепт, но сакав да внесам нешто ново. Не постои почетник во готвењето кој не се обидел барем еднаш да зготви пилешко во кари сос. Тоа е еден од оние рецепти, кои ги правиме кога сакаме да импресионираме некого со нашите кулинарски способности ( иако почетнички). Воедно е добар избор, бидејќи е еден  едноставен оброк со лесно достапни состојки. Предноста е во тоа што нема простор за големи грешки.

IMG_0209-dorucek vo posluzavnik.jpg

Решив тоа да го направам на малку поинаков начин. На пример, да вклучам и тесто. Веќе знаете дека обожувам да работам со тесто. Но овојпат ,тестото би било сведено на минимум. Се одлучив за фил со тесто, наместо тесто со фил. Сакам да преовладуват вкусовите на зачинетото пилешко, додека пак тестото има само функција на подлога. Односно, во овој рецепт би требало да учествува минимално. Ми текна дека со тенок слој на лиснато тесто би се постигнал тој ефект. И така, пилешкото заедно со ароматичниот сос ќе биде главната ѕвезда на овој рецепт. Крцкаво лиснато тесто на кое што му се бројат слоевите би било одличен контраст на кремастиот кари сос. Пропржив печурки со многу зачини, па ги прелеав со павлака за готвење. Пилешкото го подготвив одвоено, па ги споив овие прекрасни вкусови на кружно парче лиснато тесто. Целиот рецепт ќе можете да го прочитате подолу.

IMG_0223.jpg

Оваа пилешка лисната мини пита совршено се вклопи во идејата за специјален појадок, па си го најде своето место на послужавникот. Декорирав со малата вазна што ја најдов за да добие по малку „филмски“ шмек. Мислам дека ова би било одлично изненадување за вашата мајка, сестра, или сакана личност. Воедно ова е многу добар начин да одбележите некој посебен повод.

Дали ви се допадна овој необичен појадок и начинот на сервирање? Изразете го вашето мислење во коментарите.

Потребни состојки:

1 пакување лиснато тесто (500гр.)
3 парчиња пилешки стек , исечкан на мали коцки
2 лажици масло за јадење
1 лажичка ситно исечкан свеж босилек ( или сув)
1 лажичка сол и мелен црн пипер

За сосот:
200 мл. павлака за готвење
200 гр. свежи шампињони, ситно исечкани
1 лажица ситно исечкана мајчина душичка
1 чешне лук ситно исечкано
сол и мелен црн пипер по вкус
1 лажица мешан сув зеленчук
1 лажичка кари
100 гр. ситно реднан овчи кашкавал
1 лажица рендан пармезан

Најпрво расукајте го лиснатото тесто во кора дебела околу 1цм. Пресечете 4 кругови и секој круг обележете го со помала чинија така што ќе може да нарасне на краевите.
Во тава на оган, на загреано масло испржете ги печурките, лукчето и мајчината душичка. По 7-8 минути готвење, додадете ја павлаката за готвење, сол и мелен црн пипер, мешаниот сув зеленчук и карито. Добро промешајте и гответе околу 2-3 минути. Додадете го ренданиот овчи кашкавал и пармезан и промешајте. Тргнете во сад на страна. Во друга тава со загреано масло испржете ги коцките пилешки стек 1-2 минути колку само да ја променат својата боја.
На секое парче лиснато тесто во средишниот дел нанесете од сосот со печурки, а потоа нанесете парченца пилешки стек. краевите од лиснатото тесто можете, но и неморате да ги поминете со жолчка од јајце. Печете во загреана рерна на 190 степени околу 15-20 минути додека лиснатото тесто не нарасне и испече комплетно.

IMG_0220.jpg

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

w

Connecting to %s